Од вкупно 27 барања испорачани од грчките земјоделци, Владата веќе исполнила или позитивно одговорила на 16. Четири се во фаза на дискусија, додека седум се отфрлени бидејќи се финансиски неизводливи или се косат со правилата на ЕУ. Ова е билансот што го објави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, порачувајќи дека државата е отворена за дијалог, но „не и за неразумни барања“.
Во своето неделно обраќање, Мицотакис упати остра критика кон земјоделците кои веќе три недели ја држат земјата под блокада, нагласувајќи дека одбивањето дијалог не носи ништо добро.
Премиерот предупреди дека последиците врз економијата и туризмот стануваат сериозни, особено во пресрет на празниците.
„Економските последици од блокадите врз остатокот од општеството веќе се очигледни. Борбата за остварување на барањата мора секогаш да биде со почит кон општеството во целина. А ако земјоделците од блокадите одбиваат да ја слушнат Владата, нека ги слушнат хотелиерите, угостителите, стопанските комори од нивната област. Нивните пријатели и роднини кои сакаат да патуваат и да ги посетат за празниците. Но, нека размислат и за нашата татковина, за нејзината меѓународна трговија и економската активност, врз кои нивните протести влијаат негативно и, секако, без никакво позитивно влијание врз нивните барања“, напиша Мицотакис на Фејсбук.
Земјоделците, кои од 30 ноември поставија над 60 блокади низ Грција, денеска одлучуваат за следните чекори. Најавите се дека за време на Божиќ и Нова година ќе ги отворат патиштата за сообраќај, но тракторите симболично ќе останат паркирани покрај улиците.

