Аеродромите во Скопје и Белград се позиционирани како апсолутни лидери во регионот според објавениот зимски ред на летање, очекувајќи најсилен раст со по повеќе од половина милион патници. Главна причина за овој експлозивен раст е проширувањето на авиолиниите на „Виз Ер“.
Според податоците објавени од специјализираниот портал „Ex-Yu aviation“, Скопскиот аеродром планира до 28 март да опслужи околу 548 илјади патници повеќе во однос на минатата година. Белградскиот аеродром е веднаш зад него со планирани 518 илјади патници повеќе.
Охрид исто така бележи раст, со очекувано зголемување од 24 илјади патници.
Речиси сите аеродроми од поранешна Југославија го зголемуваат расположливиот капацитет оваа зимска сезона.
Раст во остатокот од регионот:
- Загреб го комплетира првото трио со раст од 176 илјади патници, главно поради проширувањето на „Кроација ерлајнс“.
- Сараево очекува раст од 113 илјади патници.
- Тузла планира зголемување за 96 илјади патници.
- Љубљана со 91 илјада, а аеродромот во Ниш со 88 илјади патници повеќе.
Севкупно, пазарите во поранешна Југославија оваа зима нудат над 13,1 милиони седишта на редовни летови.
Најпрометна меѓународна дестинација од регионот е Истанбул, со 473.568 патници, проследен од Цирих и Истанбул Сабиха Гокчен. За оваа зимска сезона се закажани вкупно 26 нови рути.

