Во Музејот на град Скопје денеска беше откриена спомен-биста на Махатма Ганди. Чинот претставува траен симбол на вредностите што ги поврзуваат народите и поттик за понатамошно зајакнување на пријателството меѓу Северна Македонија и Индија.
Спомен-бистата беше откриена во периодот на официјалната посета на индиската претседателка Драупади Мурму на земјава. На церемонијата присуствуваа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Махатма Ганди ѝ припаѓаше на Индија, но неговата порака му припаѓа на целото човештво. Неговиот живот покажа дека вистината и ненасилството не се знаци на слабост, туку моќни инструменти за обезбедување правда, слобода и достоинство“, рече Мурму.
Индиската претседателка нагласи дека во време на конфликти, нетолеранција и поделби, идеите на Ганди за дијалог, сочувство и мирен соживот остануваат актуелни.
„Се надевам дека посетителите на овој музеј, особено младите луѓе, ќе застанат пред неговата биста и ќе ја почувствуваат пораката на Ганди. Нека ги инспирира да ја отфрлат омразата, разликите да ги решаваат на мирен начин и да му служат на општеството со храброст и емпатија“, порача Мурму.
Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека промената што сакаме да ја видиме во светот треба да започне од самите нас.
„Веројатно најважното наследство што го остави Ганди е идејата за ненасилно самоопределување како право на луѓето да одлучат за нивната судбина и иднина, но и слободата да ги организираат своите животи во согласност со сопствената волја. Оваа желба за слобода е вековен идеал на индискиот, но и на македонскиот народ“, нагласи Сиљановска-Давкова.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочи дека откривањето на бистата има посебна симболика бидејќи се случува во градот во кој е родена Света Мајка Тереза.
„Махатма Ганди и Мајка Тереза својата мисија ја остварувале на различни начини, но нивните животи ги поврзува една универзална порака – дека човечноста, љубовта, сочувството и несебичната грижа за другите се најголемата сила што човекот ја поседува“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека нивното наследство и денес инспирира милиони луѓе ширум светот, а Скопје, како што посочи, ја знае вредноста на солидарноста.
„Скопје е град кој ја знае вредноста на солидарноста – град кој по големата трагедија во 1963 година ја почувствува подадената рака од целиот свет и затоа длабоко ја разбира важноста на меѓусебната поддршка, почитта и пријателството меѓу народите“, истакна Ѓорѓиевски.


