Вкупно 33 лица побарале медицинска помош во скопските клиники по силното невреме што го зафати главниот град, при што дел од нив се задржани на болничко лекување.

Во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ биле прегледани 22 пациенти, додека на ТОАРИЛУЦ помош побарале 11 лица, од кои тројца се со посериозни скршеници.

За здравствената состојба на примените пациенти во градската болница информираше директорот Небојша Настов:

„Од 22 пациенти во „Св. Наум Охридски“, двајца се примени на болничко лекување, другите се третирани клинички со полесни повреди. Еден пациент е веќе опериран во текот на ноќните часови, со скршеница во пределот на шаката. Има уште еден пациент, кој е странски државјанин, турист, а е повреден при пад на дрво, во пределот на карлицата, но не изискуваше оперативен третман, што значи се движело за консултативно лекување“, изјави Настов.

Истовремено, министерот за здравство Сашо Клековски соопшти дека се прави проценка на материјалните штети на покривите и објектите во неколку здравствени установи низ државата.

Тој посочи дека има паднати дрвја во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и Психијатриската болница во Бардовци, но за среќа таму нема повредени лица.

Сериозни оштетувања се забележани на покривните конструкции во ГОБ „8 Септември“ и Клиничката болница во Штип.

За санирањето на последиците и осигурувањето на објектите, министерот Клековски истакна:

„Имаме паднати дрвја и во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, но без повредени. Во Психијатриската болница во Бардовци исто така нема повредени. Таму имаше и неколкучасовен прекин на струјата, кој е веќе отстранет. Има значителни штети и на покривната конструкција во Клиничката болница во Штип. Благодарение на брзата интервенција на градоначалникот Иван Јорданов и на директорот на болницата, штетите се веќе санирани и се работи на нивна процена. Има штети и на покривната конструкција на ГОБ „8 Септември“. И Клиничката болницата и ГОБ „8 Септември“ се осигурени, така што осигурителните компании веќе работат на процена на штетите и веднаш потоа ќе се реагира за да се обезбеди непречено работење на болницата“, изјави Клековски.

Exit mobile version