По повод 20 години постоење на ЕВН во Македонија, денеска во центарот на Скопје свечено беше пуштена во функција новата трафостаница „Централна“. Станува збор за стратешки објект со инсталирана моќност од 120 мегавати, кој треба трајно да го реши проблемот со стабилното снабдување со струја во најфреквентниот дел од градот.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека овој проект е од витално значење бидејќи старите капацитети биле проектирани пред повеќе од четири децении.
„Со овој објект се надминува тесното грло во системот во зона со интензивен урбан развој и нови потрошувачи. Ова е нова референтна точка за квалитет во чија изградба учествуваа над 30 компании“, изјави министерката Божиновска.
Вицепремиерот Александар Николоски ја нарече изградбата на објектот „архитектонско достигнување“, посочувајќи на сложеноста на подземната инфраструктура изведена во срцето на главниот град.

