Скопјани губат трпение - секој ден метеж на булеварот кај „ФОН“ и кај „МЗТ Скопје“

„Целиот град го прекопаа, се гушиме во прашина, општинарите ништо не работат, да не чекаат избори“ и „штом во 6 часот наутро има метеж, што да зборуваме за 8 или 9“ се само дел од коментарите на граѓаните кои живееат или, пак, работат во фирмите кои се лоцирани во општина Гази Баба, поточно на потегот кај поранешната фабрика „МЗТ-Скопје“.

Со години „тесно грло на градот“ е булеварот кој ја спојува општина Аеродром, со Гази Баба, на потегот од мостот „Близнак“ па се до надвозникот кај „Пивара“.

Колони автомобили може да се забележат уште рано наутро во работните денови, а возачите се случува дестинацијата од еден километар да ја поминуваат и по еден час.

Булеварот долго време е во изградба, еднаш се асфалтираше, но повторно беше прекопан кога започна градба на згради во близина на универзитетот „ФОН“.

Семафорите пред универзитетот со години не се во функција, а семафорот што е кај „Бриколаж“ е исто така проблем за скопјани – сите возила кои од Маџари преку пругите сакаат да поминат покрај „МЗТ-Скопје“, за да се вклучат на булеварот кој е главната артерија на овој дел од градот, долго долго чекаат во колона.

Поради нервозата, многу често се случуваат и сообраќајни незгоди, а надлежните упорно го занемаруваат овој голем проблем за скопјани, но и за сите оние кои преку овој дел од градот се обидуваат да излезат во Автокоманда, и да ја напуштат метрополата.

„Макфакс“ испрати прашања дали постои начин за побрзо да се заврши реконструкцијата, за да се намали метежот, но оттаму, до моментот на објавување не дадоа ниту коментар, ниту образложение со кое темпо ќе се реализира истата.

27.02.2023 - 12:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега