Шпанскиот државен обвинител Алваро Гарсија Ортиз поднесе оставка денеска, во писмо упатено до министерот за правда Феликс Боланос, откако минатата недела Врховниот суд му изрече двегодишна забрана за извршување јавна функција. Од обвинителството за агенцијата Ефе потврдија дека оставката е поднесена поради пресудата поврзана со откривање доверливи информации.

Ортиз беше обвинет дека „протекол“ доверлива е-пошта поврзана со случајот за даночна евазија на Алберто Гонзалез Амадор, партнер на влијателната регионална лидерка на Народната партија, Изабела Дијаз Ајусо, пренесе „Ел Паис“.

Во писмото до министерот, Гарсија Ортиз побарал да биде разрешен по негово барање и навел дека не сака ни да го чека образложението од Врховниот суд.
„Тоа е чин што го должам не само на Канцеларијата на јавниот обвинител, туку и на сите граѓани на Шпанија“, напиша тој.

Тој додаде дека ги почитува судските одлуки и дека својот мандат го извршувал со „недвосмислено почитување на јавната функција, чувство на должност и институционална лојалност“. Поблагодари и за довербата од министерот, нагласувајќи дека со оглед на пресудата, време е да се повлече.

Пресуда со контроверзно гласање

Врховниот суд го осуди Ортиз на двегодишна забрана за вршење јавна функција и парична казна од 7.200 евра. Петмина од седумте судии гласаа „за“ казната, додека Ана Ферер и Сузана Поло најавија посебни издвоени мислења.

Судењето се одржа помеѓу 3 и 13 ноември пред повисокиот суд, каде сведочеа 40 лица – меѓу нив и Гонзалез Амадор, шефот на кабинетот на претседателот на Мадрид Мигел Анхел Родригез, поранешни високи државни функционери и 12 новинари, вклучително и тројца од „Ел Паис“.

Доверливата е-пошта беше протечена во март 2024 година, по објавата на „Ел Мундо“ која изнесе детали за лажна верзија на настаните што, според обвинителството, ја ширел кругот на Ајусо во врска со наводна спогодба за признавање вина на Гонзалез Амадор.

Exit mobile version