Поранешниот британски лекар Натаниел Спенсер (38) е обвинет за серија тешки сексуални напади врз 38 пациенти кои биле под негово медицинско згрижување, пренесе „Скај њуз“. Според обвинението, делата биле извршени во периодот од 2017 до 2021 година во Универзитетската болница „Ројал Стоук“ во Сток-он-Трент и во болницата „Раселс Хол“ во Дадли.
Против Спенсер се поднесени вкупно 45 точки од обвинението, меѓу кои 15 за сексуален напад, 17 за напад со пенетрација, девет за сексуален напад врз дете под 13-годишна возраст, три за напад со пенетрација врз дете под 13 години, како и една точка за обид за напад со пенетрација.
Обвиненијата следат по долгогодишна и комплексна истрага спроведена од Одделот за јавна заштита на полицијата во Стафордшир. Заменикот на главниот обвинител во Обвинителството на Западен Мидлендс, Бен Семплс, изјави дека доказите биле внимателно анализирани и дека имало доволно основа случајот да биде изнесен пред суд.
Спенсер, кој живее во Бирмингем, треба да се појави пред Правосудниот центар на Северен Стафордшир на 20 јануари следната година.

