Грчката полиција уапси 55-годишен маж под сомнение дека неколку години го чувал телото на својот починат татко во замрзнувач во подрумот на напуштен семеен хотел, со цел да продолжи бесправно да ја прима неговата пензија.

Според првичните информации од истрагата, нема индикации за насилна смрт. Се претпоставува дека 90-годишниот пензиониран учител починал од природна смрт.

Случајот бил откриен во селото Мистрас, во подрумските простории на напуштениот хотел кој бил во сопственост на семејството.

Соседите и локалните жители ги известиле властите откако забележале дека постариот човек го немаат видено најмалку четири години, по што посредувала државната телевизија „ЕРТ“ и интервенирала полицијата.

Приведениот син пред полициските службеници признал дека неговиот татко починал од природна смрт пред околу две и пол години, по што тој решил да го замрзне телото за да го сокрие фактот дека е починат.

Против 55-годишниот маж се покренати обвиненија за измама и давање лажна изјава. Надлежните органи ја продолжуваат постапката за целосно расветлување на сите финансиски и правни детали од случајот.

Exit mobile version