Поширокиот регион на Атина (Атика) се соочува со сериозни последици од невремето „Бајрон“, кое предизвика обилен дожд, поплавени улици и штети низ грчката метропола. Поради екстремните временски услови, со одлука на префектот, основните и средните училишта во Атика денеска остануваат затворени.
Невремето со грмотевици започна вчера во попладневните часови, траеше во текот на ноќта и продолжува и денеска.
Противпожарната служба на Грција до 6 часот утрово примила вкупно 290 повици за помош само во областа Атика. Интервенирано е во 90 испумпувања на вода, 27 сечења на дрвја и 12 пренесувања на лица на безбедни локации.
Префектот на Атика, Никос Хардаљас, ја потврди одлуката за затворање на училиштата, истакнувајќи дека „безбедноста на децата е приоритет за кој не се преговара“. Учениците ќе следат онлајн настава, соопшти Министерството за образование. Министерството за внатрешни работи, пак, информираше дека државните службеници кои не можат да стигнат на работа поради невремето, можат да останат дома.
Според податоците од мрежата на автоматски метеоролошки станици на Националната опсерваторија во Атина (Метео), до 7 часот утрово се регистрирани екстремно големи количества дожд во западна и северна Атика.
Најголемо количество дожд е регистрирано во:
- Влихада (западна Атика): 131 милиметри дожд (131 литар вода на квадратен метар).
- Авлона (источна Атика): 108 милиметри (108 литри на квадратен метар).
Во другите делови на Атина, количината дожд е помеѓу 15 и 35 литри на квадратен метар.
Најсериозна е ситуацијата во западните предградија, особено во Неа Перамо, Мегара и Мандра, област која беше погодена од големи поплави и во 2017 година. Утрово во прекин е сообраќајот на неколку булевари и на автопатот кон Коринт.
Рано утрово, жителите на критичните предградија добија порака од бројот 112 за итни случаи со апел да се оддалечат од подрумски и приземни простории на зградите и да се префрлат на повисоки катови. Слични предупредувања беа испратени и до делови на Пелопонез, северна и централна Грција, како и голем број острови (Евија, Крит, Киклади и други).
Екстремните временски појави се очекува да траат до утре наутро.

