Голем пожар избил во унгарската рафинерија на нафта во градот Сазхаломбати, при што по силна експлозија жителите пријавиле појава на густ облак чад, јавува index.hu.

Пожарот бил локализиран, но интервенцијата траела до доцна во ноќта. За среќа, нема повредени лица.

Градоначалникот на Сазхаломбати, Михаљ Везер, се огласи на Фејсбук по повод инцидентот:

„Во понеделник навечер, на 20 октомври 2025 година, избувна пожар во погонот АВ3 на рафинеријата Дунаи MOL. Противпожарната служба на MOL веднаш реагираше по дојавата и за кратко време успеа да го локализира пожарот. Работите на теренот сè уште се во тек. Густиот чад кој се појави за време на гаснењето беше видлив од неколку околни населени места. Во пожарот нема повредени, а околните населби не беа загрозени. Службените и внатрешните истраги се во тек за утврдување на причината за несреќата“, наведува Везер.

На местото на настанот биле присутни сите итни служби, вклучувајќи мобилна лабораторија за заштита од катастрофи, како и специјализирани контејнери со хемиски материјали, прашок и пена за гаснење.

Exit mobile version