Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска престојува во официјална посета на земјава. Негов домаќин е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Руте ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести во Кабинетот на претседателот, по што ќе следуваат тет-а-тет средба и пленарен состанок меѓу македонската и делегацијата на НАТО. Предвидена е и заедничка прес-конференција на Сиљановска-Давкова и Руте.

Во рамки на посетата, генералниот секретар ќе оствари средби и со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, по што ќе се обрати пред пратениците во законодавниот дом.

Руте ќе ја посети и касарната „Илинден“, каде ќе присуствува на презентација на лесната пешадиска баталјонска група на Армијата и на дел од нејзината опрема. На настанот се очекува да присуствуваат министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, како и други високи воени претставници.

Ова е прва посета на Руте на Скопје во својство на генерален секретар на НАТО. Тој претходно ја посети земјата во ноември 2021 година како премиер на Холандија. Во 2023 година, во официјална посета на Македонија престојуваше тогашниот генерален секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Exit mobile version