Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, кој престојува во официјална посета на земјава, денеска ќе одржат заедничко предавање на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Вчера, Сиљановска Давкова го пречека Милатовиќ со највисоки државни и воени почести во Вила „Водно“, по што следеа тет-а-тет средба и заедничка прес-конференција. Двајцата претседатели упатија порака за заедничка визија за стабилен и просперитетен регион, интегриран во ЕУ, со акцент на регионалната соработка.
Милатовиќ посочи дека Северна Македонија и Црна Гора ги поврзува длабока историска блискост и меѓусебна солидарност.
-Испраќаме пораки за регионална соработка и добрососедска поддршка. Цениме дека Северна Македонија беше меѓу првите држави што ја признаа Црна Гора, што стана цврст темел за развој на нашите билатерални и дипломатски односи – нагласи Милатовиќ.
Тој изрази уверување дека двете земји ќе продолжат да градат односи кои не се само стабилни на политичко ниво, туку и искрено блиски помеѓу граѓаните.
-Во таа блискост лежи силата на нашето партнерство и пријателство, како и сигурноста за заедничко градење на подобар регион на Западен Балкан и остварување на нашата европска перспектива – рече Милатовиќ. Тој истакна дека европската перспектива на двете држави зазема посебно место во агендата и дека Црна Гора силно го поддржува европскиот пат на Северна Македонија.
-Во нас оваа држава секогаш ќе има сојузник и поддршка. Нашата цел е да станеме 28. членка на ЕУ и со тоа да покажеме дека европската перспектива на регионот не е само сон, туку реалност – потенцира Милатовиќ.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека со колегата потврдиле дека двете земји се пример за добрососедство и соработка, вклучително и во рамките на НАТО, а денешната средба ја зацврстува меѓусебната доверба.
-Заедничка визија ни е стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ. Самитот ЕУ – Западен Балкан, што ќе се одржи во Црна Гора, покажува дека европското членство на регионот не е само прашање за иднината, туку прашање што може и треба да стане реалност – рече Сиљановска Давкова.

