Силјановска Давкова: Владата сака да обезбеди европско алиби за неодговорно постапување, злоупотребена е службена положба за законите за договорот со Бехтел и Енка
Владата постапила неовластено и посегнала по вршење на туѓи права, бидејќи од пратениците бара да го покријат тоа што го презела како обврска во фамозниот договор кој е далеку од меѓудржавен, туку е облигационен и таквите договори не може да бидат извор на право. Значи владата презела улога на прикриен законодавец иако е само извршна власт. Постапила како корпоративна влада која потпишала корпоративен договор со Бехтел и Енка, а корпоративизмот и профитот одат заедно, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на денешната собраниска седница.
Таа нагласи дека во сите закони погрешно се повикуваат на регулативата 1315 од 2013 година и директивата 758 од 2016 година, што и портпаролот на ЕУ, Сано и евроамбасадорот Гир тоа го потенцираат.
- Со тоа вие сакате да обезбедите европско алиби за западно балканско неодговорно постапување. Затоа и табелата која се дава покрај законот е празна, значи некој го злоупотребил статусот, ова е фалсификувана исправа и треба да сноси одговорност тој кој ја потпишал заедно со претседателот на Собранието и претседателот на комисијата за европски прашања. Тие ја злоупотребиле својата службена положба, нагласи таа.
Силјановска Давкова истакна дека отсуствува инклузивност и транспарентност за што укажа и Гир.
0 Ги заобиколувате пропишаните процедури, затоа што процедурата е гаранција за закон донесен во рамки на деловникот, и затоа не смее да се бајпасираат. Контролата е неопходна при стратешки проекти, и таа треба да биде професионална, независна, објективна, со строги филтри, далеку од тоа дека треба да биде препуштена на Електра Солушнс која воопшто не е упатена во оваа материја, потенцираше таа.
Силјановска Давкова потсети дека јавниот интерес не е доволно само да се прокламира туку да се реализира и заштити
- Градби од стратешки интерес не може да се реализираат без планска документација. Просторниот план, урбанистичкиот план и урбанистички проект се свето тројство вака како што се наредени, во спротивно ќе има сериозен проблем. Со овие измени се оневозможува и јавен увид во урбанистичката документација. За вакви градби мора да има идејни решенија, рече таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа