Македонија претрпе многу уставни измени кои наликуваат на уставен инженеринг инициран однадвор, како тие од Рамковниот и Преспанскиот договор, а сега повторно се бара вметнување на Бугарите во Уставот за почеток на преговорите со ЕУ. Ова го порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за време на предавањето на Правниот факултет во Љубљана на тема „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“.
Претседателката во своето излагање го образложи предложениот модел за деблокада на евроинтегративниот пат на државата, со кој се бараат јасни гаранции.
„Нашето соломонско решение е доколку ги направиме измените и тие навистина бидат последни, да стапат на сила откако ќе ги завршиме преговорите. Ние не бегаме од вето, но тоа да биде врзано со Копенхашките критериуми, а не со идентитетски прашања“, истакна Сиљановска-Давкова.
Таа потсети дека по распадот на Југославија, Бадентеровата комисија ги оцени Македонија и Словенија како земји кои ги исполнуваат сите уставни услови за признавање, и нагласи дека сегашниот Устав веќе им ги гарантира истите права на Бугарите како и на сите останати заедници.
„Исто така треба да се спомене дека Бугарија во својот Устав нема посебен член кој ги гарантира правата на малцинствата во земјата и оти има и голем број пресуди од Судот за човекови права во Стразбур во однос на одредени права на Македонците, кои таа односно нејзините судови не ги почитуваат“, потенцираше претседателката.
Сиљановска-Давкова додаде дека пристапниот процес не смее да биде билатерализиран, нотирајќи дека Македонија има поголеми гаранции за малцинските права од многу земји членки на ЕУ. Како креативно решение таа ја посочи можноста 1/3 од земјите да побараат одземање на правото на глас на земја членка доколку таа ги прекрши принципите на Унијата.
По предавањето, претседателката која се наоѓа во официјална посета на Словенија, оствари средба со македонски универзитетски професори. Претходно, таа се сретна со словенечката колешка Наташа Пирц-Мусар и имаше работен ручек со претседателот на Државниот збор, Зоран Стевановиќ.
Во рамки на официјалната агенда, претседателката положи венец пред Споменикот на жртвите од сите војни, ја посети МПЦ „Св. Климент Охридски“ во Љубљана, се сретна со македонски иселеници, членови на Македонско-словенечкиот бизнис-клуб и го посети Македонското културно друштво во Крањ.


