Претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска присуствуваше на Денот на високи гости на воената вежба „Блесок 26“ на армискиот полигон Криволак. Пофалбите за високата подготвеност и компатибилност на нашата лесна пешадиска единица со НАТО стандардите ги искористи за да испрати порака до Европската Унија.

Сиљановска-Давкова истакна дека воената вежба докажала дека во НАТО владеат јасни, мериторни стандарди кои не дозволуваат импровизација – или се исполнуваат, или не. Таа направи паралела со евроинтеграцискиот процес, апелирајќи ЕУ да го примени истиот принцип преку Копенхашките критериуми.

„Она што го прави НАТО со стандардите, да го прави Европската Унија со Копенхашките критериуми. Ако нас нè оценуваат според исполнувањето на Копенхашките критериуми, мислам дека поинакви оценки ќе добиеме“, порача претседателката.

Таа јавно изрази загриженост од, како што рече, применувањето на двојни стандарди во оценувањето, потенцирајќи дека патот кон Унијата треба да се заснова на објективни критериуми, а не на билатерални барања.

„Ако не се почитуваат високите стандарди, ако се внесуваат двојни стандарди и ако оценувањето не е според исполнувањето на стандардите, туку според барањата и потребите на соседите, сериозен проблем имаме со почитувањето“, нагласи Сиљановска-Давкова.

Претседателката заклучи дека Македонија е подготвена да биде „стандардна“ во владеењето на правото, човековите права и поделбата на власта, но притоа очекува од ЕУ почитување на националниот и културниот идентитет, дигнитетот и интегритетот на државата.

Exit mobile version