Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска порача дека Македонија е „рекордер“ по бројот на уставни измени и дека земјата веќе нема простор за чекори без цврсти гаранции дека нема да се појават нови барања. Одговарајќи на повикот на европратеникот Томас Вајц за итно изгласување на уставните измени, таа нагласи дека сегашниот „погоден момент“ е поврзан со Украина и Молдавија, но дека поуките од минатото се клучни.
„Ништо не би имала против уставни измени доколку се работи за Копенхашките критериуми или гарантирање малцински права, но нашиот Устав веќе има највисоки стандарди за малцинствата, за разлика од многу членки на ЕУ“, изјави претседателката. Таа додаде дека во системот на поделба на власта, пратениците се тие кои одлучуваат по сопствено уверување, а не по совет од претседателот.

