Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе биде домаќин на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава. По свечениот пречек со воени почести, предвидено е двајцата претседатели да одржат тет-а-тет средба.
Протоколот продолжува со пленарен состанок на македонската и албанската делегација, по што Сиљановска-Давкова и Бегај ќе одржат заедничка прес-конференција во Кабинетот на претседателката.
„Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата ‘Св. Спас’ во Скопје“, информираа од Кабинетот на претседателката.
Покрај средбата со својата колешка, Бегај ќе се сретне и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а предвидено е и негово обраќање пред македонските пратеници.


