Земјотрес со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала денеска го потресе подрачјето во близина на градот Те Анау на Јужниот Остров на Нов Зеланд, поради што властите накратко издадоа предупредување за опасност од цунами, кое подоцна беше повлечено.

Земјотресот се случи во 21:14 часот по локално време (11:14 часот по македонско време), а епицентарот бил на околу 40 километри северно од Те Анау, соопшти Националната агенција за управување со вонредни ситуации на Нов Зеланд.

Те Анау е главна појдовна точка за туристите кои го посетуваат регионот Фиордленд, познат по своите фјордови и природни убавини.

Засега нема информации за повредени лица или за причинета материјална штета.

Националната агенција првично соопшти дека земјотресот бил со јачина од 6,3 степени, но подоцна ја коригираше магнитудата на 5,9 степени.

Иако предупредувањето за цунами беше откажано, агенцијата предупреди дека крајбрежните области можат да бидат погодени од „силни и невообичаени струења и непредвидливи бранови долж брегот“.

Властите ги повикаа граѓаните да излезат од водата, да ги напуштат плажите и да се држат подалеку од пристаништата, марините и речните корита.

Exit mobile version