Претседателството на Алијансата за Албанците на вчерашниот состанок ја анализираше актуелната политичка состојба, резултатите од локалните избори и натамошните чекори на партијата. Од партијата велат дека, иако коалицијата во која учествуваа излегла како победник на национално ниво според бројот на освоени гласови и советници, тие се незадоволни од исходот во трката за градоначалници.
Во соопштението се наведува дека партијата се соочила со „државен инженеринг“ и координирани настапи на албанските партии од власта со македонските политички субјекти, со цел, како што велат, „реализација на платформата за дефакторизација на Албанците“. Според АА, од ваквото сценарио најмногу загубиле самите Албанци, кои биле „деградирани“ и на локално ниво.
И покрај незадоволството, Алијансата за Албанците соопшти дека останува целосно посветена на „националната кауза и рамноправноста на Албанците во Северна Македонија“. По обемната дискусија, Претседателството едногласно донело одлука за автономно политичко дејствување. Во следните денови, пратениците на партијата во Собранието ќе ја формализираат иницијативата за делување како независна пратеничка група.
Од партијата додаваат дека ќе продолжат да бидат „силен опозициски глас на Албанците“ и дека остануваат во комуникација со другите опозициски субјекти. Најавени се и средби со партиските членови, албанските граѓани, организации и политички актери за, како што велат, зајакнување на редовите и продолжување на политичката борба во „чувствителен период за Албанците во државата“.
Соопштението е потпишано од претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.
Со тоа ДУИ останува без 4 пратеници. Ако се има предвид дека претходно збогум им кажа и Тачи, тоа значи дека ДУИ ќе има под контрола најмногу 13 пратеници, што е 1 помалку од Вреди.

