Шврговски: „Трезор" е конструкција без докази

Нема направена материјална штета затоа што и нема незаконско дејствие, при набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од страна на Сашо Мијалков, тврди неговиот адвокат Љупчо Шврговски.

Во интервју за Пресс24 рече дека ЈО нема докази оти Мијалков и останатите обвинети од 7 до 9-ти јули 2010 година биле во Велика Британија и таму ја договориле набавката на опремата пред да почне постапката.

-Во вторник е закажано објавување на пресудата за случајот „Трезор“. Каков исход очекувате ?

Љупчо Шврговски : Судот мора да покаже интегритет и да се крене над конструкциите на Јавниот обвинител. Доколку судот успее да се ослободи од импресиите креирани од страна на тогашното СЈО преку медиумската машинерија и дели правда исклучиво врз основа на аргументите, не може да донесе никаква друга пресуда освен ослободителна. Од почеток до крај, од првата прес конференција, па се до завршните зборови, со секое одржано рочиште се откриваше вистината дека станува збор за измислена конструкција на СЈО. Сите изведени докази во текот на судскиот процес не само што не одеа во прилог на обвинението, туку најостро ги разобличија нивните претпоставки врз кои го граделе случајот. Со секоја изјава и со секој изведен доказ беа негирани погрешните тези кои намерно или ненамерно се вметнати за да се формира предмет. Тука би ги наброил и сведоците на ЈО и британските власти кои учествуваа во истрагата преку меѓународна правна помош.

- На кој аргументи ги базирате вашите очекувања ?

Шврговски: Прва и основна претпоставка за постоење на кривично дело е некаква штета од извршеното дејствие. Во конкретниов случај обвинителството не понуди никакво економско вештачење од стручни лица кои би потврдиле дека е направена каква било материјална штета. Заклучокот за некаква материјална штета го изведуваат тие сами, а тоа се луѓе, мои колеги, правници кои немаат економски факултет и лиценца за да вештачат финансиска штета. Претпоставувам дека тоа не е случајно, туку е со намера бидејќи направеното економско вештачење би покажало дека нема никаква материјална штета по буџетот. Нема материјална штета затоа што и нема незаконско дејствие. Впрочем одбраната понуди финансиско вештачење за набавка на опремата и се покажа дека не е направена никаква финансиска штета.

- Сепак обвинителството тврди дека опремата би чинела помалку доколку била набавена директно од производителот ?

Шврговски: Тоа е апсурдно. Големите корпорации не функционираат така како што некој замислил само за да конструира случај. Еве обвинителството нека набави службено возило директно од фабриката на Фолксваген во Германија. Сигурен сум дека ќе ги упатат на ексклузивниот дистрибутер лиценциран за продажба и сервис на територијата на Македонија. Доколку не можат возило, нека се обидат да набават барем една гајба Кока Кола од седиштето на компанијата во САД. Претпоставувам дека ќе го добијат истиот одговор. Тоа е суштината и во „Трезор“. Британската компанија ГАММА и издава лиценца на македонска компанија за продажба и сервисирање на нејзините производи за земјава. МВР сакало или не, производот мора да го набави од застапникот и со него да склучи договор. Затоа претпоставките на ЈО се далеку од реалноста.

- Без разлика на застапништвото, ЈО тврди дека Мијалков и останатите обвинети од 7 до 9-ти јули 2010година биле во Велика Британија и таму ја договориле набавката уште пред да почне постапката

Шврговски: Точно дека обвинителството тоа го тврди уште од самиот почеток, но уште поточно е дека за тоа тврдење не постои ниту еден доказ. Практично станува збор за една празна конструкција. На ЈО му требало да измислат една ваква претпоставка за да го монтираат случајот, но одговорот што го добиваат од британските власти најостро ги негира овие измислици. Имено уште во 2017 година преку меѓународна правна помош бараат истрага во Британија, а во 2018 ги добиваат одговорите. Во одговорот од британскиот Хоум Офис е прецизно наведено дека претставниците на компанијата ГАММА немале никаква средба со Мијалков и останатите обвинети, ниту постојат какви било докази за таква средба. Почист доказ дека станува збор за конструкција на ЈО за да гони за некаква злоупотреба не може да има.

-ЈО тврди дека поранешниот директор на УБК ја злоупотребил службената положба и овластувањата вршејќи директно влијание врз тогашниот помошник министер Ѓоко Поповски кој бил задолжен за јавни набавки.

Шврговски: Уште една конструкција која не само што не беше потврдена, туку беше демантирана на главната расправа. Имено Ѓоко Поповски беше повикан и сослушан како сведок на обвинитеелството. Во својот исказ никаде не спомена дека Мијалков на каков било начин вршел какво било влијание врз него. Напротив, Поповски тврдеше дека набавката на опремата била извршена согласно закон и дека немало ништо сомнително при нејзиното спроведување. Поповски објасни дека набавката ја реализирала надлежната комисија, а тој лично ги запознал лицата од компанијата-застапник дури откако постапката била завршена. Поповски ги појаснуваше сите работи околу набавката кои обвинителите не ги разбрале, но очигледно тоа не беше доволно за обвинителството да се повлече, а тоа ќе беше најчесниот и наједноставниот чекор за излез од ситуацијата.

- Очекувате ли пресудата од предметот „Таргет-Тврдина“ или другите постапки кои во моментов се водат да влијаат врз пресудата ?

Не очекувам и не би смеело други околности да влијаат на одлуката на судот по овој предмет. Судот мора да се издигне над ситуацијата и да покаже интегритет. Овој предмет е класична конструкција и таа не може и не смее да се оправда со други постапки. Мојот клиент уште од почетокот на овој предмет одговараше на сите покани и покажа респект кон судот. Ние ги разобличивме сите измислици на обвинителството и навистина не гледам дека би можело да се најде какво било образложение за која било друга одлука освен ослободителна.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.04.2021 - 12:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега