Шведска ќе ја укине развојната помош за пет држави во наредните години и ќе ги пренасочи тие средства кон зголемена поддршка за Украина, соопшти шведската влада.

Планирано е постепено укинување на помошта за Зимбабве, Танзанија, Мозамбик, Либерија и Боливија, изјави министерот за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија, Бенџамин Доуса.

„Украина е најважен надворешно-политички и развоен приоритет на Шведска, и затоа владата планира да ја зголеми помошта за Украина на најмалку 10 милијарди круни (910 милиони евра) во 2026 година“, рече Доуса. „Нема тајна машина за печатење на пари за развојни цели, па парите мора да дојдат од некаде.“

Според владата, овие мерки ќе ослободат повеќе од две милијарди круни во следните две години, кои ќе бидат пренасочени кон Украина, меѓу другото и за проекти за обновување на енергетската инфраструктура.

Откако сегашната влада дојде на власт во 2022 година, Шведска веќе ја укинала помошта за повеќе од десет земји, вклучувајќи ги Буркина Фасо и Мали.

Шведска останува голем донатор на хуманитарна помош, со буџет кој последните три години изнесува околу 56 милијарди круни годишно. Власта најави дека ќе ја намали развојната помош на околу 53 милијарди круни годишно во периодот 2026–2028, при што приоритет ќе биде пренасочувањето на дел од средствата за трошоци поврзани со имиграција и враќање на мигранти.

Exit mobile version