Мобилен царински тим спречи голем обид за шверц на пиротехника на граничниот премин Блаце. Во акцијата се запленети вкупно 40.872 парчиња петарди и огномети, кои биле наменети за црниот пазар во пресрет на празниците.
Сторителот е македонски државјанин од Гостивар, кој управувал возило со швајцарски регистарски таблички.
„При претресот, царинските инспектори забележале дека задните седишта се спуштени напред, при што целиот тој простор и багажникот од автомобилот биле исполнети со пиротехнички средства“, откриваат од Царинската управа.
Истрагата покажала дека опасниот товар бил набавен во Приштина. Против гостиварецот е поднесена кривична пријава за неовластено тргување со оружје и експлозивни материи.

