Што пишуваат Грците за средбата на Муцунски со грчкиот шеф на дипломатијата

 

Северна Македонија: Важен чекор напред за зајакнување на регионалната соработка, средбата Герапетритис- Муцунски“; „Герапетритис до Скопје: Почитување на Договорот од Преспа и правилата за добрососедство“; „С. Македонија: „Важен чекор напред“ за зајакнување на соработката, средбата со Герапетритис“; „Нова порака за почитување на Договорот од Преспа“; „Порака на Герапетритис до МНР на С. Македонија за Преспа: Европската перспектива бара посветеност на меѓународните договори“, се дел од насловите во грчките медиуми за вчерашната средба на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Грција Тимчо Муцунски и Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.

Медиумите во Грција, технички, без дополнителни коментари или анализи, ги пренесуваат ставовите на шефовите на двете дипломатии веднаш по средбата, но и по нивното заедничко учеството на неформалниот состанок со министрите за надворешни работи од групата „Пријатели на Западен Балкан“ на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк. 

-Како „важен чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка и значајно подобрување на дипломатските односи меѓу двете земји“, ја карактеризираше министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, средбата што ја имаше во Њујорк со министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, пишува државната агенција АНА-МПА на почетокот на текстот, пренесувајќи го соопштението од македонското МНР, вест што ја презедоа и останатите медиуми во Грција.

Во продолжение пренесен е и делот дека за време на „конструктивната средба посебно внимание било посветено на можностите за развој на трговијата, инфраструктурата и инвестициите во енергијата, како основни области, каде постојат реални можности за проширување на соработката“, но и ставот од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија дека „почитувањето на меѓународното јавно право е од неопходно за обезбедување на иднина заснована на заеднички просперитет и одржлив мир“.

Од друга страна, во онлајн изданијата на медиумите во Грција, акцентот е ставен на ставовите на Герапетритис особено за Договорот од Преспа, изразени по средбата со Муцунски, преку неговата изјава за активностите во текот на вчерашниот ден во Њујорк, а пренесени се и информациите од грчките дипломатски извори за разговорите на двајцата министри.

- Герапетритис, исто така испрати порака за почитување на договорите, истакнувајќи дека „европската перспектива оди преку почитување на меѓународното право, за Европа да остане столб на стабилноста на меѓународната сцена. За да остане активна меѓународната стратешка безбедност, не треба да има селективна примена на меѓународните договори“, пишува информативниот портал „Ин“, пренесувајќи ја изјавата на Герапетритис.

 

24.09.2024 - 09:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега