Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер денеска ја повика Европа да настапува со поголема самодоверба како економска сила, нагласувајќи ја важноста од побрзи и поефикасни процеси на донесување одлуки во рамките на ЕУ.

Штајнмајер, кој заедно со шпанскиот крал Фелипе Шести го отвори германско-шпанскиот економски форум во Мадрид, потсети дека „Европа е пазар со повеќе од 450 милиони луѓе“ и дека токму тоа ѝ дава значајно присуство и влијание на глобално ниво.

„Имаме силно присуство и влијание, и можеме да го искористиме ова влијание“, изјави германскиот претседател, наведувајќи дека појасните и побрзи одлуки би ѝ помогнале на Европа да го засили тој капацитет.

Тој предупреди дека Европа мора „цврсто да стои“ и активно да одговори на надворешните притисоци, како што се руската војна во Украина и предизвиците што доаѓаат од американската политика, која, како што рече, понекогаш ги доведува во прашање основните вредности.

За време на вчерашното обраќање пред двата дома на шпанскиот парламент, Штајнмајер повика на европски реформи: „Потребни ни се реформи за да станеме побрзи и поодлучни“.

Германскиот претседател денеска одржа и средба со шпанскиот премиер Педро Санчез.

Exit mobile version