Шпанија им плаќа на младите за да се иселат од домовите на нивните родители

Шпанската влада ќе им плаќа по 250 евра месечно на младите со ниски приходи за да им помогне да се иселат од домовите на нивните родители, што станува сè поголем проблем во земјата.

Министерката за урбанистичко планирање, Ракел Санчез, на прес-конференција рече дека од овој месец Шпанците помлади од 35 години, чии годишни приходи се помали од 24.318 евра, ќе можат да аплицираат за месечен надоместок за да можат да изнајмат стан на две години. Таа истакна дека оваа поддршка е важна за цените на становите да не бидат пречка за независноста на младите.

Според податоците од минатата година, дури 55 проценти од луѓето на возраст помеѓу 25 и 29 години сè уште живееле со своите родители, што ја прави Шпанија една од земјите во Европа со најголем број на млади луѓе кои живеат во заедница со фамилијата.

Оваа бројка е силно поврзана со особено високиот број млади луѓе кои не се вработени – дури 29 проценти од оние под 25 години во Шпанија немаат работа. Сепак, според Франциско Инарети, портпарол на „Идеалиста“, најголемата шпанска веб-страница за недвижности, директните субвенции за киријата можеби нема да ги исполнат владините очекувања бидејќи има голема побарувачка за мали станови.

„Претходното искуство покажа дека субвенциите директно ги зголемуваат цените на закупнината“, рече тој, додавајќи дека станарите кои заработуваат нешто повеќе од 24.318 евра би можеле да се чувствуваат дискриминирани бидејќи ќе мора да платат уште повисока цена за изнајмување без да добијат поддршка.

 
18.01.2022 - 22:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа