На денешното рочиште за случајот „Онкологија“, вештакот Милан Ристески изнесе нови, вознемирувачки детали за начинот на кој се лекувале пациентите на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Според неговото вештачење, во медицинската документација биле пронајдени сериозни отстапувања и неправилности при изборот на терапиите.
Ристески појасни дека биле проверени дури 33.000 преписи на скапа терапија, при што кај 12 пациенти лековите биле давани спротивно на медицинските индикации, односно без никаква корист и на директна штета на болните.
„Има пациенти што требало да добијат ’пембролизумаб‘, а не добиле, особено во групата со рак на бубрегот. Не може да се фаворизираат пациенти според индикацијата и достапноста на терапијата“, истакна Ристески пред судот.
Одбраната, пак, бурно реагираше на неговото сведочење, оспорувајќи го неговото искуство и лиценца. Адвокатите на обвинетите сметаат дека Ристески не може да дава стручна оценка за лекари со децениско искуство и го обвинија за судир на интереси бидејќи бил ангажиран и како вештак и како сведок. Судењето продолжува на 31 март.

