Белгиската полиција соопшти дека привела медицинска сестра ангажирана за домашна нега, под сомнение за измама на Националниот фонд за здравствено и инвалидско осигурување (ИНАМИ/РИЗИВ) за „повеќе милиони евра“.

Истрагата утврдила дека приведената сестра, Стефани Сандер, пријавувала фиктивни случаи на медицинска нега, врз основа на кои ѝ биле исплаќани средства од Фондот. Од 2017 година до денес, Сандер пријавила најмалку 524 фиктивни случаи, за што Фондот ѝ исплатил 1,7 милиони евра.

По обелоденувањето на скандалот, белгискиот вицепремиер и министер за здравство и социјални работи, Франк Ванденбруке, најави воведување нов правилник со кој ќе се ограничи бројот на пациенти што една медицинска сестра задолжена за домашна нега може да ги опслужува дневно.

– Медицинска сестра за домашна нега ќе има максимум 20 пациенти, наместо 80 до 90 колку што понекогаш пријавувала Сандер, посочи Ванденбруке.

Белгиските медиуми истакнуваат дека ова не е единствен случај на измами со големи размери од Фондот за здравствено осигурување. Според нив, постојат сомнежи дека лекар неосновано добил речиси два милиони евра, а стоматолог над 600.000 евра.

Ревизија на исплатите открила дека на еден лекар од 2019 година врз основа на лажни налози му биле исплатени 1,935 милиони евра. Лекарот досега вратил речиси 973 илјади евра за услуги што не ги извршил.

Покрај него, под истрага е и стоматолог на кој од 2002 година му биле исплатени 627.000 евра. Ревизијата утврдила дека стоматологот добил средства за 53 услуги што не ги извршил и за уште 122 други услуги што не биле извршени согласно прописите. За овие пропусти стоматологот добил казна од 27.000 евра, која ја подмирил целосно.

Exit mobile version