Денешното рочиште за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани започна со скандалозно откритие.
Судијката Диана Груевска Илиевска, непосредно пред почетокот на расправата, го опомена обвинетиот Џеваир Камбери (од Министерството за економија), информирајќи дека во затворот кај него биле пронајдени 13 мобилни телефони и лаптоп.
Обвинетиот Камбери, кој е еден од 37-те обвинети за пожарот во кој загинаа 63 лица, се изјасни пред Судот:
„Ги пронајдов телефоните кога стигнав таму,“ изјави тој.
Судијката, исто така, информираше дека биле поднесени нови полномоштва за оштетени лица.
Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки. Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе докажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, како резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.
Меѓу 37-те обвинети се сопственици, инспектори, поранешни градоначалници и државни службеници, меѓу кои е и Камбери.

