Индонезиските власти уапсија пилот на авиокомпанијата „Малезија ерлајнс“ веднаш по слетувањето на меѓународниот аеродром во Џакарта, под сомнение за обид за шверц на над 26 килограми екстази и пакет метамфетамин.

Случајот бил откриен на аеродромот Соекарно-Хата, откако царинските службеници за време на рендгенска проверка на багажот забележале сомнителен куфер на терминалот за меѓународни пристигнувања.

Според информациите од полицијата, куферот бил преземен од 39-годишниот малезиски државјанин со иницијали М.С., кој управувал со летот MH727 на линијата од Куала Лумпур до Џакарта.

Еко Хади Сантосо, директор на Дирекцијата за борба против наркотици во Националната агенција за криминал на Индонезија, изјави дека пилотот наводно бил на должност под дејство на дрога.

По забележаните неправилности, царинските службеници го спровеле пилотот и неговиот багаж во просторија за детален преглед.

За време на претресот биле пронајдени 14 големи пакети со над 70.000 таблети екстази со вкупна тежина од над 26 килограми, како и дополнителен пакет со метамфетамин, по што случајот го презедоа истражителите од одделот за наркотици.

На прес-конференцијата одржана на аеродромот беа презентирани запленетите опијати.

  • Осомничениот е официјално уапсен и е приведен – рече Сантосо на заедничката прес-конференција одржана на аеродромот, каде што полицијата ги презентираше запленетите дроги.

Истражните органи продолжуваат со работа за утврдување на сите вмешани лица во случајот.

  • Истрагата продолжува за откривање на мрежата што стои зад него – додаде Сантосо.
Exit mobile version