Шилегов: Од денеска се реконструира и втората делница од улицата „Лазар Личеноски“

 

Екипите на Град Скопје од денеска ја реконструираат улицата „Лазар Личеноски“, на потегот од СРЦ „Кале“ до крстосницата со булеварот „Никола Карев“, што претставува втора фаза од обновата на оваа значајна сообраќајница. На оваа делница ќе се изврши целосна реконструкција на коловозот во должина од 1.300 метри, реконструкција и проширување на постојните тротоари, како и замена на оштетените рабници.

За реализација на проектот за обнова на улицата „Лазар Личеноски“ – втора фаза ќе се одвојат околу 17,4 милиони денари, а реконструкцијата треба да биде завршена во рок од 45 дена.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов истакна дека минатата година е завршена првата фаза од обновата на оваа улица, од булеварот „Гоце Делчев“ до СРЦ „Кале“.

– Со завршувањето на оваа фаза од реконструкцијата може да кажеме дека целосно е обновена една од двете улици кои околу скопското Кале ги поврзуваат булеварите „Гоце Делчев“ и „Никола Карев“ како едни од најфреквентните во градот. Градежната офанзива за изградба и реконструкција на скопските улици е во полн ек. Само за две недели почнавме реконструкција на 6 постојни и изградба на една нова улица, во неколку општини на територијата на Скопје. Затоа, однапред замолувам за разбирање за сообраќајниот метеж кој се создава како последица на неколкуте активни привремени режими на сообраќај што се воведени заради градежните активности, рече Шилегов.

Тој додаде дека реконструкциите на градските сообраќајници ќе бидат завршени во рекордно кратки рокови. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.09.2020 - 15:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега