Шилегов најави голем финансиски пакет за сите граѓани: 50% поевтин оброк за учениците, до 50% помал трошок за градинките

Во изминатите речиси две години пандемијата ги смени животите на граѓаните. Покрај здравствените ризици кои ги донесе Ковид-19, силно страдаше економијата и семејните буџети на граѓаните. Затоа, најдоброто за нашиот град во следните четири години подготви пакет од силна финансиска поддршка за сите групи граѓани. Скопје е град на солидарноста и како таков мора да се грижи за сите, а парите на граѓаните да ги враќа онаму каде се најпотребни, вели актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат на Град Скопје, Петре Шилегов во писмено соопштение до јавноста.

Вели дека овој пакет е наменет за сите групи граѓани што ќе донесе поквалитетен живот во главниот град.

-Пензионерите и повозрасните граѓани се извор на знаење, искуство и мудрост. Тие го граделе Скопје и ја заслужуваат поддршката од градот. Затоа им го олеснуваме животот и се грижиме за нивните потреби. Овозможуваме бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата. Нашите повозрасни граѓани ќе можат слободно да се движат и да ги остваруваат своите обврски, а не само вторник и петок. На тој начин ги запираме метежот во работните денови во градските автобуси за луѓето кои одат на работа, или на школо. Овозможуваме бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот. За поголема самостојност и независно функционирање, обезбедуваме ефикасен, безбеден и бесплатен транспорт, вели Шилегов.

Тој најави и мерки за лицата со ретки болести.

-Лицата со ретки болести кои живеат во Скопје ќе можат исто така бесплатно да го користат јавниот градски превоз. Трошоците за хроничната терапија која ја примаат ги олеснуваме преку финансиско ослободување за јавниот превоз, за нив и нивната придружба при користење на превозот, вели Шилегов.

Според него, пакетот финансиска помош е наменет и за младите, кои како што вели, се движечка сила на градот.

-На сите постдипломци и докторанди кои студираат во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси. Со тоа ги поттикнуваме да бидат поактивни во своите обврски и релаксирани во планирањето на својата мобилност низ градот.

Учениците од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште. Оброкот го правиме подостапен за секое дете и поттикнуваме исхрана во училиштата. Ќе доделуваме 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети. Ги поттикнуваме младите да вложуваат во себе, ги елиминираме финансиските потешкотии на семејствата и го вреднуваме трудот. За секој средношколец од државните училишта, обезбедуваме бесплатно овошје за време на училишниот престој. Здравата исхрана е неопходна за виталност и здрав живот. Создаваме навики кај младите за здрава и среќна иднина, најави Шилегов.

Вели дека градот ќе расте и ќе се развива ако идните родители ги гледаат можностите и сакаат да живеат во него.

- Мојот императив е среќни и задоволни граѓани во Скопје. Вложуваме во среќата за идните родители и за сите семејства во градот. Го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на максимум 50% од месечниот трошок. Ги поттикнуваме семејствата да останат во Скопје, тука да се развиваат и остваруваат. За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на Биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот. Ја поддржуваме храброста и упорноста за посреќни семејства во нашиот град. Потребите на скопјани се предизвик кој со задоволство го прифаќаме и на кој ќе одговориме. Град Скопје развива социјална политика на локално ниво која се повеќе не доближува до граѓаните и нивните судбини а тоа ни дозволува и реално да ги креираме социјалните мерки кон нив. Преку овој пакет мерки градот вложува во квалитетот на живот. Градот станува еднаков за сите граѓани, транспарентен и солидарен град, град на успешен соживот. Постојаната комуникација со секој наш сограѓанин и подадена рака на секој на кого му е потребна е препознатлив пристап за нас. Ни претстои една поинаква приказна во социјалната слика на градот. Од Скопје правиме социјално сензитивен град за посреќни мигови, вели Шилегов.

28.09.2021 - 09:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега