Шилегов го повика Пендаровски заедно да го уредат целиот покрив на ГТЦ

На затворањето на меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ што синоќа се одржа на зелениот покрив на Градскиот трговски центар, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов го повика претседателот Стево Пендаровски заедно да го уредат целиот покрив на овој култен објект во Скопје.

– Фестивалот „Синедејс“ не само што успешно ја пребродува короната, туку тоа го прави и на најдобриот можен начин, реоткривајќи ги културните простори во Скопје. Дел од проекциите на фестивалот се одржаа пред поранешните кина Маџари, Влае, Кисела Вода, Напредок. И еве сме, пред еден предизвик. Јас сум спремен, претседателе Пендаровски, како градоначалник да го финансирам проектирањето и ве повикувам вас, заедно да го уредиме овој простор како нов културен простор, а во име на кандидатурата на нашиот град за Европска престолнина на културата во 2028 година. Заеднички, вие како покровител, а јас како реализатор, да отвориме еден нов културен простор како што е покривот каде што вечерва се наоѓаме, истакнал градоначалникот Шилегов, пренесуваат од прес-службата на Град Скопје.

Оттаму посочуваат дека тој изразил убедување оти Градот Скопје ја оправдува довербата на граѓаните кога е во прашање културниот живот во Скопје.

– Верувам и дека за неколку години од сега со гордост ќе ја носиме титулата Европска престолнина на културата. Особено ми е драго што вечерва се наоѓаме на покривот на култниот објект во нашиот град – Градскиот трговски центар, кој не само што успеавме да го сочуваме од барокното лудило, туку успеавме и да го зазелениме, повторно да го заживееме, а згора на тоа и да го отвориме овој простор за нови културни настани, потенцирал Шилегов.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.09.2020 - 11:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега