Шеваљ Муареми уапсен, па пуштен на слобода во Дубаи?

 

Водачот на криминалната група Дуќанџиќ од Грчец, Шеваљ Муареми бил уапсен во Дубаи, па пуштен на слобода поради немање на доволно докази за негово задржување. Во полициска станица поминал неколку часа, неофицијално пренесе ТВ 21. 

Докази против него се доставени од апликацијата „Sky“, која е омилена на криминалците. Таму се реализирале разговори и договарања за криминалните активности во коишто била вмешања и групата од Грчец. Сепак, кај полицијата во Дубаи овие докази не поминале на зелено. Тамошните власти ги сметаат за неревантни.

Официјална потврда за тоа дали Муареми завршил во полициска станица нема.

„Министерството за правда нема информации дали лицето Шеваљ Муареми бил на разговор во полициска станица во Дубаи и дали бил пуштен на слобода“, ни одговорија од Министерството за правда.

Министерот за правда, Кренер Лога на средината на минатиот месец ги потпиша барањата за екстрадација на Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани. Документите се преведени, па комплетната документација е проследена до властите во Обединетите Арапски Емирати.

Меѓународна потерница за главниот бос на групата Дуќанџиќ се најде на сајтот на МВР, како и за уште седум други лица на 3. март, годинава. Муареми е осомничен како предводник на групата од Грчец која убивала и пренесувала дрога, а беше откриена преку акција потпомогната и од меѓународните истражни институции.

За потсетување, во акцијата на МВР во соработка со ЕВРОПОЛ, кон крајот на јануари беа уапсени шест лица во Македонија и едно во Шпанија кои се поврзани со кланот од Грчец. Оваа група учествувала во двојното убиство во Топанско поле пред три години, убиството на албански државјанин на Матка, како и обидот за убиство на лице од село Бардовци. Шверцувале над 400 килограми кокаин од Перу, Боливија, Колумбија, Бразил, а со парите граделе лукзузни куќи и ресторани.

08.04.2024 - 17:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега