Шешељ: Хаг е суд за Србите, Хрватите плаќаат да не бидат осудувани нивни генерали

Лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, како гостин во емисијата „Фокус“ ​​на ТВ Б92, изјави дека ја очекувал пресудата против поранешниот генерал на војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој вчера во Хаг правосилно беше осуден на доживотен затвор за воени злосторства.

„Хаг е суд за Србите, тоа може да се види по бројот на обвинети Срби и по тоа што само Србите се осудувани“, нагласи Шешељ.

Според него Младиќ немал можност за ефикасна одбрана.

„Само Милошевиќ и јас ја имавме таа можност, но тој немаше време да го изучи англосаксонското право, туку да ги победи лагите на сведоците. Имав време да научам англосаксонско право и победив во постапката“, рече Шешељ.

Тој кажа дека има сознанија дека Хрватите му платиле на Хашкиот трибунал да не ги осудува нивните генерали.

„Хрватите даваат големи пари за ослободување на Маркач и Готовина, беа платени 30 милиони за Тихомир Блашкиќ, дури и Ватикан ги финансираше“, истакна Шешељ.

Тој изјави дека во општата офанзива против Србија, меѓународната заедница жестоко ќе ја искористи пресудата за да ја обвини земјата за геноцид што, според него, не се случил.

Осврнувајќи се на случајот со Сребреница, Шешељ тврди дека е јасно дека немало кривично дело геноцид.

„Не мора човек да биде адвокат, доволно е да биде интелектуалец и писмен, за да може да ја прочита меѓународната конвенција за спречување и казнување на кривичното дело геноцид. Ќе му биде јасно дека овој настан во Сребреница не може да се квалификува како геноцид“, нагласи тој.

„Нема помирување додека нас Србите нѐ нарекуваат  виновници“, заклучи Шешељ.

09.06.2021 - 09:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега