Министерот за правда, д-р Јетон Шасивари, упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември – Денот на независноста, нагласувајќи дека зачувувањето и зајакнувањето на државата бара секојдневна посветеност и функционална правда.

Тој посочи дека силните институции и еднаквоста пред законот се клучни за напредокот на земјата.

„Независноста е историско достигнување, но пред сè е одговорност секојдневно да ја градиме и зајакнуваме државата. Силна држава е држава во која законот е еднаков за сите, правдата е независна, а институциите се професионални, одговорни и доверливи“, истакнува Шасивари.

Министерот го истакна значењето на различностите како фундаментална вредност на општеството.

„Македонија е држава на различни граѓани, но со заедничка иднина. Нашата етничка, јазична и културна различност не е слабост – таа е вредност и сила на нашата држава“, се вели во честитката.

Во однос на евроинтеграциите, Шасивари нагласи дека реформите во правосудството и функционалниот систем се услов за европската иднина.

„Како Министер за правда, верувам дека патот кон Европската Унија минува преку владеењето на правото, одржливите реформи, почитувањето на човековите права, еднаквоста пред законот и институциите кои обезбедуваат правда за сите, без разлика. Европа не се гради само со декларации. Европа се гради со добри закони, силни институции и правда која функционира“, наведува министерот.

На крајот од пораката, тој упати апел за заеднички ангажман во градењето на државата.

„На овој значаен ден, да продолжиме заедно да градиме држава поправедна, посилна и поевропска. Оваа земја е наша чест, наша иднина и наша љубов. Нашиот вистински избор е да ја градиме, зајакнуваме и воздигнуваме за генерациите што доаѓаат. Среќен 8 Септември – Денот на независноста! Независноста нè обединува. Правдата нè изедначува. Европа е нашата иднина. Нека биде секогаш благословена наша Македонија!“, соопшти д-р Јетон Шасивари.

Exit mobile version