Шарл Мишел во посета на Киев

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска објави дека е на пат за Киев, каде со претседателот Володимир Зеленски треба да разговара за новите мерки за поддршка на Украина. Зеленски побара побрза испорака на оружје.

Двајцата лидери ќе разговараат за „конкретни мерки за да се осигура дека (Украина) е посилна и помоќна“, рече Шарл Мишел во видео пораката на Твитер.

Сојузниците на НАТО му ветија на Киев поголема поддршка со тешко и помодерно оружје за да се спротивстават на руската офанзива.

„Украинците се борат за својата земја, за иднината на своите деца. Но, тие се борат и за нашите заеднички европски вредности на мир и просперитет. Ним им треба нашата поддршка и тие ја заслужуваат“, рече Мишел.

Тој истакна дека во Киев ќе се сретне и со украинскиот премиер Денис Шмигал, како и со членови на Парламентот.

Неговата посета доаѓа пред состанокот на контакт групата за Украина во Рамштајн, Германија. Таа група собира околу 50 земји предводени од САД. Тие ќе разговараат за координација на помошта за Украина и особено за испорака на тешки оклопни возила и модерни системи за противвоздушна одбрана.

Велика Британија веќе вети 14 тешки тенкови „Челинџер 2“, а Полска соопшти дека е подготвена да испрати 14 тенкови „Леопард 2“ од германско производство, доколку Берлин го одобри нивниот реекспорт во Украина.

Се зголемува притисокот врз германскиот канцелар Олаф Шолц да го одобри распоредувањето на тенковите „Леопард“, кои ги користат неколку земји-членки на НАТО.

19.01.2023 - 22:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега