Шаќири: Ги интензивираме работите за новото училиште во Визбегово од септември да ги отвори вратите за учениците

Министерот за образование и наука Јетон шаќири, денеска изврши увид во градежните активности на новиот училишен објект во населбата Визбегово, кој се гради со средства од буџетот на МОН и согласно предвиденото треба да биде завршен до почетокот на новата учебна година.

- Минатата година го означивме почетокот на градбата, а денеска сме тука да видиме како се одвиваат градежните работи. Од изведувачот добивме уверување дека објектот ќе биде завршен во предвидениот рок, по што ќе следува негово опремување со училишен инвентар и нагледни средства, изјави Шаќири.

Инвестирањето во образовната инфраструктура, потенцираше министерот, и натаму ќе биде еден од приоритетите на Министерството за образование и наука затоа што тоа е еден од условите за квалитетна настава и едукација на младите.

- Максимално сме посветени на сите општини, на сите рурални и урбани средини каде има потреба од инвестиција, затоа што сите ученици се еднакви и исти и заслужуваат квалитетно образование, додаде Шаќири, заблагодарувајќи им се на сите инволвирани кои ги поддржуваат напорите за градење на добра образовна инфраструктура и кои ја делат визијата за квалитетен национален образовен систем.

За оваа инвестиција се издвоени средства од буџетот на МОН во висина од 107 милиони денари.

30.03.2023 - 15:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега