Шахпаска: Приоритет е унапредувањето на правата на лицата со попреченост и нивна поуспешна социјална инклузија

 

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставници од Ресурсниот центар на родители на деца со попреченост и разговараше за досегашната работа на здружението и можностите и потребите за унапредување на правата на лицата со попреченост во сите сегменти на нивниот живот.

Претставниците на  Ресурниот центар на родители на деца со попреченост, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, истанаа дека целта на самото основање на центарот е обезбедување поддршка, помош, пристап до информации и да се обезбеди остварување на правата на лицата со попреченост и нивните семејства.

– Министерката Шахпаска го истакна значењето на подигнување на јавната свест во општеството и одговорност за  доследно почитување на правата на лицата со попреченост, со цел нивно целосно  вклучување во општеството и обезбедување на еднакно општество за сите, соопшти МТСП.

Како дел од  активностите кои се во надлежност на Министерството, а се во насока на обезбедување социјални услуги во заедницата за децата и лицата со попреченост, министерката го посочи отворањето на новиот Дневен центар за лица со попречености, кој е во рамки на Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје и подготовката на нов дневен центар за деца/лица со аутизам во Општина Карпош.

Таа, исто така, посочи дека до крајот на 2020 година ќе биде донесена одлука за целосна трансформација на ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци Скопје во модерен центар кој ќе обезбедува услуги во заедницата за децата/лицата со попреченост и неговата нова функција и приспособување ќе се изврши со вклучување на родителите на децата со попреченост, во делот на утврдување на нивните потреби, но и  преку совети за видот и типот на сервиси кои ќе бидат отворени.

– Двете страни изразија уверување дека соработката ќе продолжи и понатаму со цел обебедување и заштита на правата на лицата со попреченост во нашата држава, наведува МТСП во соопштението.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.10.2020 - 11:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега