Шахпаска: Парламентот што поскоро да го донесе законот, тој е главна алатка во справувањето со насилството врз жените и семејното насилство

 Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања побара побрзо донесување на законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, што Комисијата го разгледуваше во прво читање. овој закон, рече таа, претставува главна алатка на државата во справување со насилството врз жените и семејното насилство.

– Жените и девојчињата често се изложени на сериозни форми на насилство коишто претставуваат сериозно кршење на човековите права. За да се овозможи соодветен одговор потребно е спроведување на сеопфатна политика за борба против насилството врз жените. Овој закон е во собраниска процедура и  неговото носење ќе овозможи сеопфатен пристап односно интегриран мултидисциплинарен одговор во справувањето со насилство врз жената и семејното насилство, почитувајќи ги човековите права во согласност со меѓународните стандарди.  Одредбите на законот јасно укажуваат дека насилството врз жените и семејното насилство не може да се сметаат за приватна работа и дека државата има намера преку сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на насилство, исткна Шахпаска.

Таа го потенцираше и значењето на периодот во кој се наоѓа државата со пандемијата од коронавирусот во кој, како што рече пред членовите на Комисијата, значително се зголемува насилството во домот, како уште една причина повеќе за превземање на итен пристап од страна на Собранието за донесување на предложеното законско решение.

– Предлог-законот ги регулира превентивните мерки што секоја институција има обврска да ги преземе со цел елиминирање на насилството врз жените и семејното насилство, но исто така со предлог- законотот се предвидува брзо и ефикасно постапување на институциите, посебно судот во постапување и изрекувањето на итни и на привремени мерки за заштита. Така, судот има обврска, веднаш а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување на итна мерка за заштита „отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот, посочи Шахпаска.

Таа истакна дека со ова предложено законско решение е предвидена и програма за реинтеграција на жртвите на насилство, која  вклучува модели за привремено домување, психичко советување со менторство, различни видови на финансиска помош специфично наменети за жени жртви на насилство, можности за образование за жените и нивните деца и обуки во различни области, како и мерки за вработување утврдени со закон.

Министерката во овој дел особено ја истакна економската зависност на жените како еден од главните елементи заради кои жртвите најчесто повторно се враќаат во семејството каде се одвива насилството, и затоа, како што рече, е важно да се работи не само на превенција и заштита на жртвите, туку и на нивна реинтеграција во системот, како на жените жртви така и на нивните деца.

Министерката посочи дека честопати институциите како на пример здравствените работници или наставниците затајуваат во постапувањето со игнорирање на потенцијалните знаци на насилство кај жртвите и децата, истакнувајќи дека во таа насока законот предвидува и континуирана едукација за сите службени лица во органите на државната управа. Истовремено за таа цел се воведува и принципот на должно внимание како еден од столбовите на овој закон за брзо и ефикасно постапување од страна на институциите, при што е воведена и правна можност за граѓаните за поднесување на тужба за непостапување со должно внимание од страна на инстутуциите.

Законот ги препознава и граѓанските организации како главен партнер во борбата со насилството и имплементирање на законот преку нивната улога која е предвидена во законските одредби како даватели на услуги.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.11.2020 - 16:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа