Шахпаска на средба со директорите на Центрите за социјална работа

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше средба со директорите на Центрите за социјална работа на ниво на држава, на која се разговараше за потребите и предизвиците со кои тие се соочуваат и нивното понатамошно успешно решавање и надминување.

-Министерката Шахпаска во разговор со присутните директори посочи дека достапноста, одговорноста, отчетноста и ефикасноста се принципите врз кои треба да функционираат сите чинители во општествениот систем, за тој да функционира, со посебен акцент на лицата кои се одговорни за решавање на социјалните предизвици, како што се Центрите за социјална работа, информираат од МТСП.

На средбата се разговарало на повеќе теми кои се опфатени во делокругот на работењето на Центрите за социјална работа. Старателството, водење на случај и неговата имплементација, подготвеноста на Дневните центри за лица со попреченост за повторно нивно отворање, состојбата со капацитет на згрижувачки семејства и мали групни домови, како и интегрирање на социјалните случаи како активни учесници во пазарот на трудот.

Од Министерството информираат дека на средбата се разговарало и за функционирањето на шелтер центрите, особено за порастот на семејното насилство изминатиов период каде најголем број жртви се старите лица.

-Со поголемото интегрирање на социјалните случаи како активни учесници на пазарот на трудот и нивно извлекување од сиромаштија покрај тоа што го намалуваме бројот на корисници на социјална помош, им помагаме на овие лица активно да се вклучат во општеството и самостојно да функционираат, што претставува дел од социјалната реформа, истакна министерката Шахпаска.

Таа повика на поголема вклученост во идејни решенија и реализација на проекти од страна на Центрите а во соработка со Општините, за адаптација, реконструкција и градење на домови, градинки, центри и слично, односно поголем обем на капитални инвестиции.

Заеднички беше заклучокот дека соработката и поддршката продолжува и понатаму за да се создаде општество кое се грижи заоние на кои им е тоа потребно, со акцент на најранливите категории на граѓани, велат од МТСП.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.09.2020 - 14:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега