Серија од четири земјотреси утрово повторно предизвика вознемиреност во северозападна Грција, поточно во поширокиот регион околу градот Јанина. Најсилниот потрес е регистриран рано наутро, со магнитуда која се проценува меѓу 4,2 и 4,6 степени според Рихтеровата скала. Иако тлото е активно веќе неколку недели, засега нема извештаи за повредени лица или поголема материјална штета.
Познатиот грчки сеизмолог Ефтимиос Лекас упати апел до граѓаните да останат смирени, нагласувајќи дека нема причина за паника.
„Станува збор за продолжување на низата потреси што трае од почетокот на март. Ова е активност со пониски магнитуди што внимателно се следи од страна на надлежните служби и научните центри“, изјави Лекас.
Иако ваквите сеизмички серии се вообичаени за овој дел од Грција, зачестеноста на потресите во краток временски период ја зголеми внимателноста кај локалното население и цивилната заштита.

