Села и Гаши оптимисти дека ќе се изнајде решение за законот за државјанство

На добар пат сме да најдеме заедничко решение во врска со еден проблем (законот за државјанство), кој опстои повеќе од три децении и кој  тангира голем дел од граѓаните на ова земја, кои живеат, работат и плаќаат даноци, изјави денеска претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, по состанот со премиерот Зоран Заев.

– Мислам дека со изнаоѓање на ова решение ќе направиме добар потег и како држава. Ние во овој процес како коалиција сме водени од имиџот кој државата треба да го има и градење на демократските капацитите. Една држава е демократска колку ги почитува човековите права, тоа е дистинкцијата која се прави помеѓу држави кој се демократски и држави кој се тоталитарни. Решавањето на ова прашање, на овие граѓани не прави чекор понапред кон цивилизирани држави, кон сојузништво на држави каде што тежнеме да бидеме сите ние, рече Села.

Исто го наведе и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, кој посочи дека има начелен напредок во преговорите и дека тие се големи оптимисти дека за неколку дена ќе се дојде до еден заеднички текст и решение, со што ќе се стави крај на проблемот со законот за државјанство.

– И ние и претставниците на власта се базираме на стандарди кои се применуваат во најразвиените европски држави. Сакаме и законот за државјанство да биде таков, со високи европски стандарди и да биде во функција на решавање на овој долгогодишен проблем. Нашите намери беа од почеток да решиме еден проблем на граѓаните, изјави Гаши.

Воедно, Гаши ги повика ВМРО-ДПМНЕ и Левица да не бидат пречка за донесување на овој закон.

– Кога веќе сме на повидок на решавање на проблемот со законот за државјанство, а ВМРО-ДПМНЕ има интерес да се донесе законот за петтиот сет економски мерки, ги повикуваме да ги повлечат амандманите за законот за државјанство и ние ќе ги повлечеме амандманите за законот за петтиот сет економски мерки, рече Гаши.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.04.2021 - 15:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега