Системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ (Safe City) од денеска постепено започнува да се воведува и на подрачјето на СВР Охрид. По извршеното финално тестирање, стручни екипи денеска ги ставија во функција безбедносните камери на автопатската делница кај Ново Село во општина Дебрца.

Од СВР Охрид информираат дека во наредниот период проектот ќе профункционира и на патниот правец меѓу селата Горенци и Требеништа, како и на останатите пофреквентни сообраќајници и на коридорите 8 и 10 на подрачјето што го покрива полициската управа.

Иако уредите се веќе поставени и пуштени во работа, тие засега нема да вршат санкционирање на возачите бидејќи се наоѓаат во фаза на завршни технички проверки и тестирања.

Од полицијата посочуваат дека системот „Безбеден град“ ќе овозможи засилена и континуирана сообраќајна контрола, побрзо откривање на прекршоците, зголемување на сообраќајната дисциплина и подигнување на нивото на безбедност на патиштата. Воедно, се очекува неговата примена да придонесе и за намалување на бројот на сообраќајни незгоди.

СВР Охрид апелира до сите возачи доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено ограничувањето на брзината на автопатската делница кај Ново Село, каде што максимално дозволената брзина изнесува 100 километри на час.

Exit mobile version