Седум возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на повеќе локации низ државата поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“.
Според соопштението од Министерството за внатрешни работи, четворица од нив управувале возило без положен возачки испит. Во оваа група се Скопјаните В.К. (24) и К.Е. (42), Б.О. (62) од Куманово и 18-годишниот А.Ј. од прилепското село Боротино.
Под дејство на алкохол зад воланот седнале Г.З. (34) од село Косевица, општина Македонска Каменица, како и 41-годишниот М.В. од кумановското село Пчиња, кој имал и активна забрана за управување возило. Забрана за управување имал и Ф.В. (28) од Скопје, кој исто така бил запрен и приведен од полицијата.
По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, информира МВР во дневниот билтен.


