Државата ќе ги плати судските трошоци и адвокатите на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ за седумгодишното судење во предметот „Талир 2“, откако Апелациониот суд денеска ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер.
Со одлуката завршува уште еден од големите предмети што произлегоа од истрагите на поранешното Специјално јавно обвинителство. Но, каков е вкупниот судски биланс на Груевски – за што е правосилно осуден, од што е ослободен, што застаре, а за кои предмети сè уште му се суди?
Три правосилни осудителни пресуди
Груевски досега е правосилно осуден во три предмети – „Тенк“, „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“. Сепак, една од овие казни веќе не може да биде извршена поради застареност.
Во „Тенк“, за набавката на луксузниот „мерцедес“, Груевски беше правосилно осуден на две години затвор за примање награда за противзаконито влијание. Пресудата стана правосилна уште во октомври 2018 година, но бидејќи Груевски не ја издржа казната, во октомври 2024 година настапи апсолутна застареност на нејзиното извршување. Тоа не значи дека пресудата е укината или дека Груевски е ослободен од вина, туку дека затворската казна повеќе не може да се изврши.
Активна останува пресудата за „Насилство во Центар“. Груевски е правосилно осуден на една година и шест месеци затвор за насилствата пред Општина Центар во 2013 година. Апелација ја потврди пресудата во 2021 година, а Врховниот суд подоцна го отфрли неговото барање за вонредно преиспитување. Според Кривичниот суд, извршувањето на оваа казна застарува на 10 септември 2027 година.
Најтешката правосилна пресуда е за „Плацеви на Водно“. Апелациониот суд го осуди Груевски на единствена казна од девет години затвор – седум години за перење пари и три и пол години за противправно стекнување и прикривање имот, споени во единствена казна.
За оваа пресуда и натаму е активна потерница, а извршувањето на деветгодишната казна застарува дури на 14 февруари 2043 година. Во истиот предмет неплатената парична казна е заменета со уште 180 дена затвор.
„Талир 2“ – од шест години затвор до правосилно ослободување
Сосема поинаков е епилогот во „Талир 2“, предметот за изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2022 година Груевски првостепено беше осуден на шест години затвор, а беше определена и конфискација на партискиот имот. Но Апелација ја укина таа пресуда и предметот беше вратен на повторно судење.
Во јули годинава Кривичниот суд донесе ослободителна пресуда, а денеска, 26 август 2026 година, Апелациониот суд ја одби жалбата на обвинителството и ја потврди одлуката. Со тоа Груевски е правосилно ослободен во овој предмет, а отпаѓа и основата за конфискација на „Белата палата“ и другиот имот на ВМРО-ДПМНЕ.
Апелација образложи дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека постапувањето на Груевски било спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Бидејќи конечниот исход е ослободителен, трошоците за седумгодишната судска постапка, вклучително и адвокатските трошоци, паѓаат на товар на државниот буџет.
„ТНТ“ – девет години првостепено, но предметот застаре
Во случајот „ТНТ“, за уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски, Груевски во 2022 година беше првостепено осуден на девет години затвор.
Но оваа пресуда никогаш не стана правосилна. По измените на Кривичниот законик од 2023 година настапи апсолутна застареност и предметот заврши без правосилна осудителна пресуда.
Затоа „ТНТ“ не треба да се вбројува ниту во правосилните осуди, ниту во ослободителните пресуди – кривичното гонење заврши поради застареност.
„Траекторија“ исто заврши со застареност
Без пресуда за вина заврши и „Траекторија“, предметот за изградбата на автопатите Кичево–Охрид и Миладиновци–Штип.
Груевски беше обвинет за примање награда за противзаконито влијание, но за него настапи апсолутна застареност уште во 2019 година. И во овој случај суштината на обвинението не доби конечна судска разрешница.
Сè уште му се суди за „Титаник“
Еден од најстарите предмети кој и натаму не е завршен е „Титаник“, за изборните нерегуларности.
Дел од обвинението, меѓу кое и кривичното дело злосторничко здружување, во меѓувреме застаре по измените на Кривичниот законик. Но постапката против Груевски продолжува за преостанатите дела поврзани со изборни нерегуларности.
Според последните информации, во процесот веќе се изведуваат докази и сведоци предложени од одбраната, откако претходно биле сослушани повеќе од 100 сведоци на обвинителството. Груевски се суди во отсуство.
„Талир 1“ – едно дело застаре, остана перењето пари
Активен останува и „Талир 1“, предметот за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
На почетокот на 2026 година застаре обвинението за злоупотреба на службената положба и овластување против Груевски и Кирил Божиновски, но постапката продолжува за кривичното дело перење пари. Предметот повеќепати почнуваше од почеток поради промени во судечкиот совет и други процесни причини.
И „Феникс“ остана без обвинение против Груевски
Груевски беше првоосомничен и во истрагата „Феникс“, поврзана со спомениците од проектот „Скопје 2014“. Кога во декември 2023 година беше поднесено обвинението, сепак, Груевски не беше меѓу обвинетите бидејќи во меѓувреме за делата за кои се истражуваше неговата улога настапи застареност по измените на Кривичниот законик.
Билансот: две активни затворски казни, два големи процеси сè уште траат
Така, по речиси една деценија судски процеси, Груевски има три правосилни осудителни пресуди, но казната од две години за „Тенк“ веќе е застарена за извршување.
Ако денеска се врати во Македонија, активни се казните од девет години за „Плацеви на Водно“ и една година и шест месеци за „Насилство во Центар“.
Од денеска има и една правосилна ослободителна пресуда – за „Талир 2“.
„ТНТ“ и „Траекторија“ завршија поради застареност без правосилен одговор за вината, додека делови од обвиненијата во „Титаник“ и „Талир 1“ исто така застареа. Токму овие два предмета – „Титаник“ и „Талир 1“ – остануваат последните големи судски процеси од предметите на поранешното СЈО во кои Груевски сè уште е обвинет.

