Страшна авионска несреќа ја потресе Индија откако авион кој полетал од Мумбај се урнал при слетување на аеродромот во Барамати. Во несреќата животот го загуби заменик-министерот на сојузната држава Махараштра, Ајит Павара, заедно со уште четири лица.

Според информациите на „BBC“, покрај Павара, загинале и двајца членови на неговиот персонал, како и двајцата членови на екипажот. Снимките од местото на настанот се застрашувачки и прикажуваат остатоци од леталото обвиени во густ чад и пламен.

Индискиот премиер Нарендра Моди веднаш се огласи на социјалната мрежа Х, изразувајќи длабоко сочувство до семејствата на настраданите.

„Моите мисли се со сите кои ги загубиле своите најблиски во несреќата. Се молам за сила и храброст за семејствата кои се во длабока тага“, напиша Моди.

Ајит Павара беше клучна фигура во индиската политика, внук на основачот на Националистичката конгресна партија (NCP), Шарад Павара. Трагедијата е уште поголема бидејќи Барамати е местото од каде неговото семејство го започна својот политички подем. Причините за несреќата сè уште се истражуваат.

Exit mobile version