Шест лица, меѓу кои и популарниот колумбиски пејач Јеисон Хименес, загинаа при пад на приватен авион во централниот дел на Колумбија, соопштија локалните власти.
– Нема преживеани, изјави полковник Алваро Бело од цивилната воздухопловна служба за радио „Каракол“.
Несреќата се случила во близина на аеродромот Паипа, во департманот Бојака, кратко по полетувањето на авионот кој бил на пат кон Меделин, информира колумбиското Министерство за транспорт.
Снимки кои кружат на социјалните мрежи укажуваат дека авионот не успеал да достигне доволна височина при полетувањето. Леталото со голема брзина удрило во тревната површина на крајот од пистата, по што избувнал пожар.
Триесет и четиригодишниот Јеисон Хименес беше едно од најпознатите имиња на колумбиската музичка сцена. Тој се прослави со изведби на традиционалните мексикански музички стилови „ранчера“ и „коридо“, а неговите песни бележеа милионски слушања на социјалните мрежи.

