Египет официјално и се приклучи на листата земји кои го забранија пристапот до популарната платформа за игри „Роблокс“ (Roblox). Врховниот совет за медиуми донесе радикална одлука за целосно блокирање, наведувајќи дека платформата претставува сериозна закана за онлајн-безбедноста на малолетниците.
Властите во Каиро алармираат дека главниот проблем е што „Роблокс“ овозможува директна и неконтролирана комуникација помеѓу децата и непознати возрасни лица, што отвора простор за вознемирување и манипулација. Сенаторот Валија Хермас Радван, кој ја иницираше дебатата во парламентот, истакна дека ова е неопходен чекор за зачувување на етичките и образовните вредности кај најмладите.
Египет стравува дека психолошките и бихејвиористичките ризици се преголеми, со оглед на тоа што „Роблокс“ е достапен за многу мали деца кои немаат развиени одбранбени механизми за препознавање на опасностите на интернет.

