Српската полиција, во рамки на голема меѓународна полициска операција, лиши од слобода шест лица осомничени за педофилија. Како што соопшти српското МВР, тие се претставувале како малолетни девојчиња и со помош на сметки на социјалните мрежи собирале и комуницирале со „своите врсници“.
Во акцијата уапсени се К.Б.(41), државјанин на Русија, Д.В.(63) од Нови Сад, А.М.(51) од Зрењанин, Д.Р.(49) од Алексинац, С.Ф.(32) од Бор и Н.Т.(47) од Велика Плана.
Сите приведени се обвинети за кривично дело прикажување, набавување и поседување порнографски материјал и експлоатација на малолетно лице за порнографија. Како што е наведено во официјалното соопштение, осомничените подолг временски период преземале, складирале и споделувале содржина создадена со експлоатација на деца за порнографски цели преку интернет.
Истражните органи откриваат дека особено загрижувачки е фактот што тие се регистрирале со лажни профили на социјалните мрежи и апликации, претставувајќи се како 11 и 12-годишни девојчиња, со цел да стапат во контакт со малолетници и да изнудат фотографии и видеа со сексуална содржина од нив.
Полицијата продолжува со истражните дејствија во соработка со меѓународните партнери за да се утврди точниот обем на злоупотребите.


